12.12.2022 Скопје
Ричард Гренел, поранешниот американски претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, ги повика САД да прекинат секаква помош за Приштина доколку Албин Курти веднаш не го ослободи уапсениот Србин и оцени дека Европејците само ја влошуваат кризата на Балканот со еднострани интервенции.
Гренел на Твитер, како реакција на изјавата на шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, напиша дека дијалогот што го води ЕУ е неуспешен, потенцирајќи дека од економска нормализација преминато е во хаос затоа што не се следи ситуацијата како што треба.
Гренел побара Курти да го ослободи уапсениот Србин, но и во исто време да се отворат сите премини и да се отстранат сите барикади. Доколку Курти не го направи тоа веднаш, Гренел порача дека САД треба да прекинат секаква помош и дека не треба да поддржуваат некој што создава терор.
Американскиот дипломат истакна дека Европејците не ја помагаат балканската криза, туку напротив ја влошуваат со своите еднострани и непостојани интервенции.
Во исто време, тој повика итно да се ослободи поранешниот косовски претседател Хашим Тачи од Хаг.
Подготвено од А.Ѓ.