https://www.facebook.com/photo/?fbid=183659297582934&set=a.160380649910799

30.12.2022 Скопје

Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која од февруари годинава активно се бори за воспоставување на прв градски парк во Тетово, денеска испрати две отворени писма: едно до евроамбасадорот Дејвид Гир и едно до градоначалникот Билал Касами и до членовите на Советот на Општина Тетово.

„Во рамки на предизборните активности за предвремените избори за советници во Советот на општина Тетово, иницијативата „Тетово сака парк“ беше поздравена и поддржана од неколку политички субјекти. Во периодот после изборите молк од сите страни.“, се вели во писмото до евроамбасадорот Гир.

Иницијативата побара помош и поддршка од европската делегација во државава.

„Еден од најголемите градови во државата Тетово, е веројатно единствениот поголем град на Балканскиот полуостров кој нема свој градски парк, како жители се соочуваме со интензивна и дива урбанизација, се гради онаму каде не би требало ниту да се помисли, висококатници никнуваат во мирни населби за индивидуално домување, јавен простор има се помалку, зеленилото полека исчезнува, а парк кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните не е ниту на повидок“, се наведува во писмото.

„Ние направивме се што е во наша моќ, самоорганизирани, без финансии и говорејќи право во очи, сакајќи го нашиот град и борејќи се одлучно да го добиеме она што ни е потребно и го заслужуваме. Градскиот парк во Тетово е потребен на секој еден граѓанин, тоа е место кое обединува, кое ќе задоволи и здравствени и рекреативни, но и социјални аспекти во нашите животи. Во следниот период ја бараме Вашата безрезервна поддршка, во рамки на Вашите дипломатски напори и активности, за да зајакне свесноста на надлежните за потребата од задоволување на потребата на граѓаните од градски парк, како и за обезбедувањето на здрава животната средина, на која неприкосновено право има секој еден човек и граѓанин“, стои во писмото.

Во писмото адресирано до градоначалникот и советниците пак, се поставуваат неколку прашања: „Прашуваме кој треба да биде загрижен за Тетово? Вака може да се продолжи, но прашање е кој ќе ја плати цената за тоа. На избори излезеноста е под 30 %, градот е празен, јавниот простор уништен, чистотата намалена, градењето е непланско, недозволено и штетно, вклученоста на граѓаните е непостоечка, Тетово 30 години не стагнира, туку тоне, во споредба со другите градови, кои годинава промовираа пешачки патеки, трим стази, велосипедски стази, сцени на отворено, нови паркови, иако имаат веќе прекрасни градски паркови. Доколку се уништат сите градски населби, доколку се изградат насекаде згради, а урбаната мафија го голтне и последниот јавен неискористен простор погоден за градско зеленило, што ќе остане од градот?“.

Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која што ја дава идејата за изградба на првиот вистински градски парк во градот, е за проширување на зелената површина во источниот дел од Тетово, на влезот од Скопје, односно урбанистичка пренамена на два од четирите блокови содржани во предложениот модул, што на градот би му претставил нови 16 хектари зелена површина.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author