08.12.2022 Скопје
Истражувањето, од осум фокус-групи спроведени со цел подобро да се истражи јавната перцепција на квалитетот на живот, довербата во институциите и политичките актери, како и поларизацијата во Република Северна Македонија, што го спроведе Институтот за демократија, покажува дека граѓаните сметаат дека сите политичари работат за лични интереси и кај политичарите не постои желба за вистинска промена и подготвеност за спроведување најнеопходни реформи.
Влора Речица од Институтот за демократија образложи дека речиси сите учесници биле загрижени за партиската политика и раздорот што го предизвикуваат политичките партии.
Поголемиот број учесници сметаат дека политичките партии главно се интересираат за својата агенда и интереси, а не за општото добро и благосостојбата на граѓаните. „…најголемиот дел од членовите на политичките партии само сакаат да стигнат до функција, работа, плата… воопшто не покажуваат иницијатива за да преземат нешто“, вели етничка Македонка од Штип, 51-65.
Со цел посликовито да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, лицата во фокус-групите учествувале во вежба со персонификација, а од нив било побарано да поистоветат политичка партија со некое животно. Вежбата покажува дека учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со лисица, па користат атрибути како „подмолна“, „итра“, „несигурна“ и „си гледа само за себе“.
Кај учесниците постои општ недостиг на доверба во волјата и способноста на институциите да ја подобрат состојбата во земјата.
Што се однесува до Собранието, учесниците најчесто истакнуваат дека институцијата е во постојана криза или блокада, додека во поглед на Владата – учесниците главно сметаат дека со изборите не се добиваат подобри влади кои ги решаваат проблемите на граѓаните, туку само влади кои работат за личните интереси.
Имајќи ја предвид работата на судството, учесниците претежно сметаат дека судството е најкорумпиранaтa институција и ја ужива најмалата доверба. Според нив, политичките партии секогаш наоѓаат начин да ја поткопуваат работата на судството преку корумпирани механизми.
Учесниците се произнеле и за поларизацијата што ја предизвика т.н.„француски предлог“, поради кој се или Македонци или предавници.
Во однос на квалитетот за живот, како што рече, перцепцијата е доста негативна. Најголем дел од граѓаните сметаат дека економските услови се многу лоши во државата, а нивен втор најголем проблем е одливот на мозоци, односно миграцијата на младите надвор од државата и трет проблем кој најчесто се појавува е корупцијата и непотизмот.
Студијата со фокус-групи беше спроведена во септември оваа година во сите осум плански региони, а учествуваа 67 учесници. Истражувањето беше спроведено во рамките на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).
Подготвено од А.Ѓ.