23.12.2022 Скопје
Предлог буџетот на општина Гостивар за следната 2023 година е проектиран на една милијарда и 250 милиони денари. Документот беше претставен пред претставници на невладиниот сектор, граѓани, претставници на месни заедници и локалните претпријатија.
Во име на градоначалникот како предлагач, буџетот за 2023 година го презентираше Имер Мемеди од Секторот за буџет и контрола. Мемеди истакна дека најголем дел од парите ќе одат за плати и придонеси, а дел за капитални вложувања, пред сè за патната инфраструктура.
Од локалната самоуправа нагласија дека презентацијата е продолжување на праксата за зголемување на транспарентноста и вклучување на граѓаните во носењето на одлуки, и додадоа дека предвидените приходи за полнење на општинската каса е предвидено да биде со наплата на даноци, донации и блок донации. За годинава е планирано да се земе и заем за покривање на заостанатите долгови.
Предложениот буџет кој е за речиси 15 проценти поголем од буџетот од 2022 година наскоро треба да се најде на седница на советот на општината, каде треба да биде изгласан.
Подготвено од М.Н.