22.12.2022 Скопје
Од државното претпријатие „ГА-МА“, по објавата на компанијата „Макпетрол“ дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи, наведуваат дека потребата од обезбедување на право на избор и либерализација на пазарот носи низа позитивни придобивки, но исто така и обврски да се постапува по пазарни правила, потенцирајќи дека во време на енергетска криза, сите учесници на пазарот на природен гас треба и мора да бидат одговорни и да ги почитуваат законските прописи.
Во соопштението од „ГА-МА“ АД се наведува дека Владата ги има направено сите потребни чекори да овозможи снабдување од повеќе извори, бидејќи во време на светска енергетска криза е многу опасно да се зависи само од еден извор на снабдување. Воедно, е истакнато дека сите подзаконски акти се веќе пратени во Регулаторната Комисија за енергетика и се очекува за брзо време да бидат разгледани и усвоени, а на сите состаноци е заклучено дека новите правила за пренос се сосема применливи.
Процесот на запознавање со промените е започнат уште на почетокот на 2022 година, каде во склоп на четиридневни презентации каде беа поканети повеќето активни трговци меѓу кои и Макпетрол АД.
Од „ГА-МА“ АД потенцираат дека на 22 септември 2022 година ги имаат информирано „Макпетрол“ за промените кои ќе произлезат од интерконективниот договор, а на 18 октомври 2022 година е објавено дека отвараат јавна расправа во врска со предлог текстот на договорот.
Според „ГА-МА“, забелешките кои ги доставил „Макпетрол“ до нив биле во насока на оспорување на правото да го потпишат договорот, а не на текстот, односно на суштината на договорот.
„Анексите кои не беа објавени се од доверлив карактер и се однесуваат на самата оперативна работа на операторите и детален опис на нашата главна мерна станица на Жидилово. Заради безбедност на главната гасната станица, тие не беа објавени. Како што може да проверите и на Веб страните на другите оператори не се објавува целосниот договор. Сите добиени дописи заедно со комплетниот материјал на договорот е испратен до Влада на увид. Владата носи одлука со која се задолжува ГА-МА АД да го потпише Договорот“, стои во соопштението.
Од „ГА-МА“ АД посочуваат дека интерконекцискиот договор е склучен на 31 октомври 2022 година, и веднаш на 1 ноември 2022 година ги известиле трговците дека се спремаат нови правно-регулаторни акти за примена на договорот од 1 јануари 2023 година.
На 24 ноември 2022 година објавиле дека во нивните простории ќе биде одржана презентација со можност за прашања и појаснувања. „Макпетрол” испратил известување дека нема да присуствува.
Подготвено од А.Ѓ.