Image by vwalakte on Freepik

07.12.2022 Скопје

Загриженоста за ризикот од прекин на електричната енергија во текот на зимата ја одржува француската влада во висока готовност, при што претседателот Емануел Макрон и другите министри возвраќаат на критичарите за нивните „несмасни“ и „страшни“ забелешки, инсистирајќи дека земјата „ќе издржи“.

Владата ги засили плановите за комуникација во изминатите недели поради ризиците од ненадејни прекини на електричната енергија оваа зима, доколку побарувачката е превисока.

Според писмото упатено до сите надлежни органи од страна на премиерката Елизабет Борне, владините служби добиле барање да подготват локални планови за итни случаи. Во писмото пишува дека прекините на струјата ќе бидат ограничени на одредени локации и ќе траат не подолго од два часа одеднаш, со тридневна најава.

Во текот на вчерашниот ден, министерот за образование Пап Ндијаје истакна дека не треба да бидат погодени ранливите групи и институциите со висок ризик, како што се болниците и услугите за A&E, иако училиштата можеби ќе треба да се затвораат со часови истовремено.

Комунистичкиот пратеник Себастиен Жумел, пред Националното собрание во вторникот, истакна дека граѓаните ја плаќаат цената на неподготвеноста на владата, обвинувајќи ја владата за „енергетска неодговорност“.

На маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, Макрон се обиде да го смири бесот, барајќи од јавните власти и политичките лидери „да не владеат од страв“. Воедно, ги повика владата и енергетските оператори „да ја завршат својата работа“ и истакна дека се потпира на граѓаните да преземат мерки за намалување на нивната лична потрошувачка на енергија.

Макрон потенцира дека имаат одличен енергетски модел и оваа зима ќе ја поминат и покрај војната.

Борне се насочи и кон критичарите, негирајќи ги обвинувањата за неподготвеност. Таа истакна дека болниците нема да се соочат со никаков недостиг на електрична енергија, обвинувајќи ги неистомислениците за нивните „несмасни забелешки“. Исто така, појасни дека владата треба да ги „испита сите сценарија, колку и да се неверојатни“ за најдобро да ги спречи намалувањата.

Премиертката Борне постави цел претходно оваа година да ја намали потрошувачката на енергија од компаниите и поединците за 10%.

Нејзината министерка за енергетика, Ањес Паниер-Рунашер, им рече на пратениците дека потрошувачката на енергија веќе е намалена за 7% насекаде, дури и покрај пониските температури. Исто така, инсистираше на тоа дека Франција брзо ги наполни „складиштата за гас до максимум“ и се залагаше за европска солидарност од самиот почеток на кризата – особено со Германија.

Соочувањето со прекини на струја оваа зима беше најлошото сценарио за креаторите на политиките на ЕУ, кои инсистираа на задолжителни заштеди на енергија и за индустријата и за домаќинствата од почетокот на енергетската криза.

Според извештајот објавен оваа недела од ENTSO-E, европската асоцијација за соработка на преносните системи за електрична енергија, некои земји од ЕУ ризикуваат да се соочат со тешкотии во снабдувањето со електрична енергија оваа зима.

Во извештајот се наведува дека главниот системски стрес е идентификуван во системите на Ирска, Франција, Шведска, Финска, Малта и Кипар. ENTSO-E вели дека иако електроенергетскиот систем останува многу зависен од гасот, „поволните временски услови може да го олеснат ова потпирање на електроенергетскиот систем“.

ENTSO-E истакна дека постојат одредени дополнителни ризици за зимата кои би можеле да се материјализираат и да имаат суштинско влијание врз состојбата на адекватноста, особено ако се совпаѓаат. Потребно е внимателно следење на несигурноста околу нуклеарната достапност во Франција, Шведска и Финска, како и снабдувањето со јаглен во Германија и Полска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author