17.12.2022 Скопје
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на Република Северна Македонија, заедно со регулаторните тела од Италија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора го основаа Балканското училиште за енергетика (БУЕ) по иницијатива на Регулаторното тело за енергетика, мрежи и животна средина на Италија (АРЕРА).
Од РКЕ соопштија дека главна цел на Балканското училиште за енергетика е да овозможи едукација за најновите текови во енергетиката за претставниците на регулаторните тела, операторите на преносните системи, операторите на пазарите на енергија, како и други чинители во енергетскиот сектор.
Меморандумот за основање на ова Балканско училиште за енергетика е потпишан од страна на сите пет земји основачи, меѓу кои е и РКЕ.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Беслимовски изјави дека размената на искуства и споделувањето на знаење како ефикасно се спроведува ЕУ регулативата е неопходно, затоа што освен што се демонстрира единство во борба со предизвиците, во исто време кога ЕУ се бори со енергетски криза се дава и креативен простор за дискусија за решенија како да се заштитат ранливите граѓаните, а да се обезбеди сигурна и стабилна испорака на енергенси.
Прв претседател на Балканското училиште за енергетика е Стефано Саглиа, кој е член на одборот на Регулаторното тело за енергетика, мрежи и животна средина на Италија (АРЕРА).
Подготвено од М.Н.