01.12.2022 Скопје
Вчеравечер во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино се одржа фолклорен фестивал под мотото „Фатени за раце го менуваме светот“.
На овој фестивал настапија лица со посебни потреби, придружувани од фолклорни ансамбли од повеќе градови.
Домаќините од „Порака“ Неготино појаснија дека на фолклорниот фестивал учествуваа Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака“ Неготино – Неготино и Фолклорен ансамбл „Ацо Ѓорчев”, Основно училиште за деца со посебни образовни потреби „Маца Овчарова” и КУД „Коле Неделковски” Велес, Средно училиште за деца со посебни образовни потреби „Искра” Штип и КУД „Ристо Донев – Учителот” и посебна паралелка при ОУ „Страшо Пинџур” Кавадарци со Фолклорен ансамбл „Тиквеш”.
Организацијата Центар за помош на лица со ментален хендикеп,„Порака” од Неготино е родителска, невладина организација за возрасни лица со умерен и тежок ментален хендикеп.
Од „Порака“ информираа дека веќе тринаесета година го спроведуваат процесот на деинституционализација во Неготино и Скопје, а 20 години работат на дневно згрижување, едукација и работно оспособување на лицата со попреченост – дневни центри во Скопје и Неготино, истакнувајќи дека нивната организација во 2008 година за прв пат во нашата земја и пошироко започна со процесот на деинституционализација – лицата коишто живееле во институции се преместуваат во куќи, а целта е да се оспособат за самостојно живеење. До денес имаат вкупно 87 корисници од сите општини во државата, коишто живеат кај нив и имаат 24 часовна целосна нега и грижа.
Подготвено од А.Ѓ.