Image by rawpixel.com on Freepik

04.12.2022 Скопје

Мета објави дека за сите помлади од 16 години или под 18 години во некои земји, кога ќе се логираат на Facebook, стандардно ќе овозможат повеќе поставки за приватност.

За тинејџерите кои веќе имаат сметка на Facebook или Instagram, платформата ќе прикаже известување за да ги поттикне да ги користат овие поставки, кои се активираат со еден клик (допир).

Мета рече и дека работат на нови алатки и едукација за да се спречи ширењето на интимните фотографии на платформата.

Минатата година, компанијата воведе некои мерки за заштита на помладите корисници од интеракција со потенцијално сомнителни возрасни лица. Така, на пример, возрасните се спречени да испраќаат пораки до тинејџери со кои не се поврзани или да ги видат во препораките „Луѓе што можеби ги познавате“.

Мета истакна дека сега тестира нови мерки за заштита на младите корисници од испраќање пораки до сомнителни возрасни лица со кои не се поврзани. Овие луѓе повеќе нема да им се препорачуваат на децата како луѓе што можеби ги познаваат.

Под „сомнителна сметка“, Мета подразбира сметка која припаѓа на возрасно лице кое, на пример, неодамна било блокирано или пријавено од помлад корисник.

Мета го тестира и ефектот на отстранување на копчето за пораки на детските сметки на Инстаграм како дополнителна заштита кога го гледаат возрасните.

Компанијата потсети дека веќе некое време ги охрабрува тинејџерите да пријавуваат сметки откако ќе блокираат некого и дека испраќа безбедносни известувања со информации за тоа како да се справат со несоодветните пораки од возрасните.

„Поприватните поставки“ за тинејџерите што ги објави Мета се однесуваат на тоа кој може да ја види листата на пријатели на корисникот, кој може да ги види луѓето, страниците и списоците што ги следат тинејџерите, кои можат да гледаат објави на нивните профили на кои се означени, преглед на објави во кои се означени пред објавата да се појави на профилот, како и на кого му е дозволено да коментира на нивните јавни објави.

Слични стандардни поставки за тинејџери неодамна беа воведени на Инстаграм.

Мета, исто така, рече дека работи на изградба на глобална платформа за тинејџери кои се загрижени дека нивните интимни фотографии направени сами би можеле да се споделат на онлајн платформи без нивна согласност. Оваа платформа, која Мета ја развива во соработка со NCMEC (Национален центар за исчезнати и експлоатирани деца), експерти, научници, родители и застапници на жртвите, ќе биде слична на онаа создадена за да се спречи споделување на интимни слики на возрасни без нивна согласност. И други технолошки компании ќе можат да ја користат платформата.

Мета најави и едукативни материјали за тинејџерите за да ги охрабри да побараат помош во врска со споделувањето на нивните интимни фотографии или ако се изложени на сексуална злоупотреба.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author