05.12.2022 Скопје
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека Бугарија, Романија и Хрватска беа подложени на темелна проверка, која покажа дека ги исполнуваат сите услови за влез во Шенген.
Јохансон додаде дека дополнителните проверки што ги побараа некои земји покажаа дека Бугарија и Романија дополнително ја зголемија заштитата на надворешните граници.
Во врска со тврдењата на холандскиот премиер Марк Руте дека бугарската граница може да се премине „за поткуп од 50 евра“, Јохансон истакна дека немаат такви информации. Воедно, посочи дека за претстојниот состанок в четврток, Советот на ЕУ ги има сите извештаи кои покажуваат дека Бугарија, Романија и Хрватска целосно ги исполнуваат сите барања.
Еврокомесарката за внатрешни работи изрази очекување дека гласањето на европските министри на 8 декември ќе доведе до позитивен резултат за трите земји.
Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, изјави дека оние кои се сомневаат во оценката на Комисијата треба да знаат дека проширувањето на Шенген ќе доведе до повеќе и подобри гранични контроли.
Подготвено од А.Ѓ.