06.12.2022 Скопје
Владите на земјите-членки на Европската Унија и Европскиот парламент постигнаа договор со кој се забранува увоз на повеќе производи во ЕУ кои придонесуваат за уништување на шумите.
Европскиот парламент соопшти дека во периодот од 1990 до 2020 година се уништени шуми на површина поголема од ЕУ и потрошувачката на производи во Европа е одговорна за околу 10 проценти од овие загуби.
Договорот ги таргетира какаото, кафето, сојата или палминото масло. Засегнати се и дрвото, говедското месо и гумата, како и неколку придружни материјали (кожа, чоколадо, мебел, хартија, јаглен и друго.). Нивниот увоз ќе биде забранет доколку овие производи потекнуваат од обесшумена земја по 31 декември 2020 година. Европскиот парламент истакнува дека ќе се земат предвид штетите нанесени на сите шуми.
Компаниите увозници ќе бидат одговорни за нивниот синџир на снабдување.
Европскиот парламент и Советот на ЕУ ќе треба официјално да го одобрат овој договор.
Подготвено од А.Ѓ.