eu znameee

29.12.2022 Скопје

Комитетот за здравствена безбедност на Европската унија денеска ќе одржи итен состанок во обид да ги координира мерките за Ковид-19 низ земјите-членки додека Кина повторно ги отвора своите граници.

Портпаролот на Европската комисија истакна дека со оглед на моменталната ситуација со Ковид-19 во Кина, Комисијата утрово го свика Комитетот за здравствена безбедност за да разговара со земјите-членки и агенциите на ЕУ за можните мерки за координиран пристап на ЕУ.

Комитетот за здравствена безбедност на ЕУ е неформална советодавна група за здравствена безбедност на европско ниво, чија цел е зајакнување на координацијата и споделувањето на најдобрите практики и информации за активностите за национална подготвеност.

Состанокот доаѓа откако Италија, која беше силно погодена од првиот бран на пандемијата на почетокот на 2020 година, нареди задолжителни брисеви за антиген Ковид-19 и секвенционирање на вируси за сите патници кои доаѓаат од Кина.

Министерот за здравство Орацио Скилачи рече дека „мерката е од суштинско значење за да се обезбеди надзор и идентификација на која било варијанта на вирусот со цел да се заштити италијанското население“.

САД, исто така, бараат негативен тест за Ковид-19 за патниците од Кина.

Пекинг почна да ја олабавува својата политика за нулта Ковид-19 и строгите правила за карантин за патување, откако протестите ја зафатија земјата кон крајот на ноември по смртта на најмалку 10 лица во зграда под карантин во Урумчи во западниот регион Ксинџијанг.

Олеснувањето доведе до експлозија на случаи низ Кина каде довербата во локално развиените вакцини е мала. Западните вакцини како што се вакцините mRNA од Pfizer-BioNTech и Moderna не се одобрени од здравствените власти во земјата.

Министрите за здравство на ЕУ на почетокот на декември се согласија да се вратат на пристапот пред пандемијата за слободно движење и патување без никакви мерки поврзани со Ковид-19. Но, тие ја задржаа можноста да активираат „итна сопирачка“ на координиран пристап доколку епидемиолошката состојба се влоши.

Портпаролот на Комисијата истакна дека варијантата Омикрон BF7, која е распространета во Кина, веќе е присутна во Европа и не порасна значително.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author