15.12.2022 Скопје
Повеќе од една деценија, најголемата научна несигурност за тоа како планетата ќе реагира на затоплувањето на температурите не доаѓа од тоа колку јаглерод диоксид ќе се впие од океанот или ќе се апсорбира од дрвјата, туку доаѓа од облаците.
Меките, чудни збирки на капки вода што лебдат во воздухот, веќе некое време ги збунуваат климатските научници и моделите. Научниците одамна знаат дека во зависност од тоа како облаците реагираат на топлинските температури, светот може да стане уште потопол или малку поладен. Но, во изминатите неколку години, научниците почнаа точно да одредуваат како облаците ќе ја променат формата и локацијата во светот, кој брзо се загрева. Резултатот е добра вест за науката, но не и добра вест за човештвото.
Пауло Цепи, климатски научник од Империал колеџ во Лондон, соопшти дека имаат најдено докази за засилувањето на влијанието на облаците врз глобалното затоплување.
Научниците одамна знаат дека облаците имаат две основни влијанија врз глобалната клима. Прво, облаците се рефлектирачки, нивните бели површини ги рефлектираат сончевите зраци подалеку од Земјата, создавајќи ефект на ладење. Доколку планетата наеднаш би била лишена од овие меки чадори за сонце, планетата би била приближно пет пати потопла дури и од најкатастрофалните проекции за глобалното затоплување. Но, облаците исто така создаваат ефект на затоплување, одредени видови облаци го изолираат зрачењето на Земјата, одржувајќи ја планетата топла, слично како јаглерод диоксидот ослободен од согорувањето на фосилните горива.
Кој ефект е посилен зависи од типот на облакот. Цирусните облаци – високи, мрачни облаци видливи во далечната атмосфера во релативно ведри денови – апсорбираат и заробуваат повеќе радијација, загревајќи ја Земјата. Стратус или стратокумулус облаци – полни, меки облаци кои често лебдат над океанот во облачните денови – рефлектираат повеќе сончева светлина, ладејќи ја Земјата.
Неизвесно е како точно ќе се избалансираат тие два фактори додека светот се загрева. Тоа е најмногу затоа што, иако облаците можат да изгледаат огромно – кога летате низ нив во авион или гледате во нив од земја – тие се формираат на микроскопско ниво, кога водена пареа се кондензира околу честичка прашина или капка. Како резултат на тоа, во суштина е невозможно да се моделираат во стандардните големи климатски модели. Облаците се формираат на ниво на микрометар, додека моделите што повеќето климатски научници ги користат го делат светот на блокови со ширина од стотици километри.
Тимоти Мајерс, атмосферски научник од Универзитетот во Колорадо, Болдер, истакна дека имаат навистина тешкотии да симулираат со каква било верност како облаците всушност се однесуваат во реалниот свет.
Но, во последниве години, научниците добија се поголема јасност за тоа што ќе се случи, и што веќе се случува, со облаците додека планетата се загрева.
Прво, високите, мрачни цирусни облаци што го задржуваат зрачењето на Земјата се очекува да се префрлат нагоре во атмосферата, во зони со пониска температура. Благодарение на комплицираниот однос помеѓу облаците и зрачењето на Земјата, тоа ќе го зголеми количеството на зрачење што цирусните облаци го заробуваат во атмосферата. Мајерс истакна дека кога ќе се издигнат, нивниот ефект на стаклена градина или ефектот на затоплување на Земјата има тенденција да се зголемува.
Тој резултат е познат околу една деценија и покажува дека облаците веројатно ќе го засилат глобалното затоплување. Но, само во изминатите неколку години, истражувачите исто така открија дека се очекува бројот на облаци од ниско ниво на стратус или стратокумулус да се намали додека планетата продолжува да се загрева. Една студија, во списанието Nature Climate Change, користеше сателитски набљудувања за да открие како формирањето на облаците е под влијание на температурите на океаните, брзината на ветерот, влажноста и други фактори, а потоа анализираше како тие фактори ќе се менуваат како што се загрева светот.
Мајерс, еден од авторите на студијата, истакна дека имаат дојдено до заклучок дека како што океанот се загрева, облаците на ниско ниво над океаните имаат тенденција да се распаѓаат. Тоа значи дека има помалку облаци за да ја рефлектираат сончевата светлина и да ја ладат земјата, а промената на облаците на ниско ниво, исто така, ќе го засили глобалното затоплување.
Друг труд, во Зборникот на Националната академија на науките, најде сличен резултат, исто така користејќи техники на набљудување. Истражувањето засновано на модели со висока резолуција, кои се подобро способни да го моделираат формирањето облаци отколку општите климатски модели од поголеми размери, исто така заклучија дека облаците веројатно ќе го засилат глобалното затоплување.
Истражувачите, исто така, почнаа да разбираат како облаците ќе бидат под влијание на одредени промени надвор од затоплувањето, како што е намалувањето на вештачките аеросоли во атмосферата. Облаците се формираат околу честичките што лебдат во атмосферата, како што се аеросоли. Затоа, можно е облаците на ниско ниво да се намалат уште повеќе, да не беше загадувањето на воздухот предизвикано од човекот. Според друга студија објавена минатиот месец во Зборникот на Националната академија на науките, сулфатните аеросоли поттикнале формирање на облаци, со што се маскира дел од глобалното затоплување што веќе се случило. Кејси Вол, постдокторски истражувач на Универзитетот во Осло, истакна дека постои потенцијал дека додека го чистиме загадувањето на воздухот, да го демаскираме глобалното затоплување.
Во комбинација, овие нови наоди им помогнаа на научниците да утврдат колку планетата ќе се загрее ако емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата се удвојат од прединдустриското време. Во пред индустриската револуција, концентрацијата на CO2 беше околу 280 делови на милион, или ppm, сега достигна 412 ppm, и сè уште расте. Научниците еднаш процениле дека ако CO2 достигне 560 ppm, температурата ќе се зголеми помеѓу 1,5 и 4 степени Целзиусови, опсег што опфаќа „сè уште многу погодна планета за живеење“ до „скоро апокалипсни нивоа на затоплување“.
Голем дел од таа неизвесност произлезе од прашањето за облаците. Бидејќи облаците се веќе толку влијателни врз климата на Земјата, дури и малите промени во облаците како што се загрева светот може да имаат големи ефекти врз идните температурни промени.
Новото истражување на облаците покажува дека пониските проценки за затоплување се многу малку веројатни. Наместо тоа, неодамнешните трудови проценуваат дека нивоата на CO2 од 560 ppm веројатно ќе резултираат со најмалку 3 или 3,5 степени затоплување.
Тоа не значи дека светот дефинитивно ќе достигне 3 степени на затоплување, ако земјите продолжат да се насочуваат кон чиста енергија, CO2 во атмосферата може да се стабилизира на ниво значително под 560 ppm. Но, тоа значи дека најоптимистичките проценки за тоа како ќе се одвива затоплувањето се симнати од масата.
Подготвено од А.Ѓ.