22.12.2022 Скопје
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави дека ќе има дводневна прослава на „Боемска улица 1“, со повеќе настани за сите жители.
Герасимовски истакна дека планираат дводневен настан на првиот дел од „Боемската улица“, на 29-ти и 30-ти декември, со пејачи, ди-џеи, базари и настапи од децата од детските градинки и основни училишта, заблагодарувајќи се на општествено одговорни компании поради кои од Буџетот за оваа намена Општина Центар нема да потроши ниту еден денар.
Герасимовски додаде дека во четврток, почнувајќи напладне, присутните граѓани ќе можат да уживаат во точките кои ќе ги спремат децата од градинките и училиштата, да цртаат и да создаваат заедно, а можат да го посетат и базарот кој ќе биде поставен на локацијата.
„Во петок, вториот ден од настанот, ќе биде резервиран за настапите на Дац и Александар Митевски, ќе имаме тамбураши, DJ Фиц од Студени нозе, Драган Б. Костиќ, а упативме покана и до Хорот на пензионери и тие да ни се приклучат и да бидат дел од нашата прослава“, посочува Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски ги покани сите жители на општината, но и оние од другите општини, да дојдат на „Боемска улица 1“, да се придружат и да бидат дел од дводневната пригодна предновогодишна прослава закажана за четврток и петок и со забава, песна и насмевки заедно да ја испратиме старата и да ја дочекаме новата 2023-та година.
Подготвено од А.Ѓ.