05.12.2022 Скопје
Детално чешлање на Буџетот, за да најде пари и да ги префрли за барем делумно да се намали огромниот долг за струја на Клинички центар од 7 милиони евра, ќе прави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими за медиумите откри и дека освен за струја, долгот на Мајка Тереза расте и по други основи, што според него е доказ дека таму очигледно не се работи домаќински.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека државата мора да помогне, но не прецизираше кога би се платил долгот. Во неплатените сметки на Клинички, кои патем датираат од пред три години, влегуваат и фактури од ГОБ 8 Септември.
Освен Клинички центар, известување дека може да останат без струја добија и во МЖ. Нивниот долг е околу 6 милиони евра. Рокот за намирување на сметките е помал од две недели, а има и план на кои се точки целосно ќе биде исклучена струјата. И од Железници велат дека немаат пари и дека се надеваат дека државата ќе им даде.
Вкупниот долг за електрична енергија на јавните и државните институции надминува 40 милиони евра и оваа сума е сериозен проблем за енергетскиот сектор во време на најголемата енергетска криза. Долгови имаат и затворите, факултетите, судовите.
Подготвено од А.Ѓ.