digitalno nasilstvo

06.12.2022 Скопје

Вчеравечер, во прилепскиот Дом на културата во рамките на кампањата 16 дена активизам за борба против родово базирано насилство во организација на Обединетите нации, Европската Унија и на ОБСЕ се одржа трибина на која беше константирано дека дигиталното насилство се зголемува, тешко се стигнува и се казнуваат сторителите, но со заедничко, граѓанско и институционално дејствување може да се намали и еден ден да се стопира онлајн насилството. Годинава темата е „Дигиталното насилство врз жени и девојчиња – Препознај, Блокирај, Пријави”.

Според Жаклина Гештаковска Алексовска, програмска аналитичарка во Фондот за популации на ОН, во државата постојат начини и за превенција и за казнување на сторителите, иако, за жал, сторителите на онлајн насилството не се доволно казнети, потенцирајќи дека сите можеме да придонесеме он-лајн или виртуелното насилство да се намали и еден ден да престане.

Гештаковска Алексовска истакна дека истражувањата покажуваат дека над 40 проценти на жени и девојчиња се соочиле со некаков вид насилство, но во нашава земја се уште не се спроведени истражувања од скоро време. Воедно, додаде дека она што се знае се случаите кои беа многу актуелни изминатиов период и истите покажуваат дека е премногу присутно и дека сторителите на он-лајн насилство не се доволно казнети и спречени тоа да го прават.

За ситуацијата во другите држави, Гештаковска Алексовска истакна дека ситуацијата е слична, бидејќи станува збор за онлајн платформи кои се во сопствеништво на мултинационални компании и начините да се дојде до сторителите, до оние кои ги организираат овие мрежи, како што беше Јавна соба во Република Северна Македонија се многу тешки, но сепак постојат начини органите на прогонот да дојдат до вистинските лица и да се соочат со правото и законот.

Најбитно е едуцирањето, што значи да се има профил на некоја онлајн платформа, да имаме начини да ги заштитиме личните податоци и секогаш да го пријавиме нападот на нашата личност, било да е навреда или закана. Да се пријави во полицијата, во центрите за социјална заштита, во граѓанските организации.

Росана Дуџак, постојан коррдинатор на ОН во Скопје, смета дека насилството на интернет не било обмислено да биде анонимно, но има премногу анонимни ситуации и премногу насилство на интернет просторот. Секој може да придонесе да се стопира.

По Скопје, настаните во кампањата на ОН продолжија во Прилеп, а потоа и во Струмица и Дебар.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author