21.12.2022 Скопје
Претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Горан Ристовски, посочи дека даночната реформа не се однесува на фирмите кои се регистрирани како занаетчии, освен оние кои се водат како ДООЕЛ.
Измените во Законот за данок на добивка, според кои бизнисите со вкупен приход до 6 милиони денари сега ќе бираат, или ќе плаќаат 10 отсто данок на добивка, или пак 1 отсто на вкупниот приход, деновиве предизвикаа лавина реакции.
Занаетчиите коментираа дека Владата дополнително им го загрозува опстанокот, наместо да се удри по сивата економија и да се прибере прометот кој циркулира по црните канали.
Министерството за финансии кое е предлагач на измените, оваа измена ја оправда со проширување на базата на оданочување, како и отстранување на стимулациите за формирање на голем број субјекти на непазарна основа и воспоставување на неутрален даночен систем, кој нема да влијае врз одлуките на стопанските субјекти.
Според пресметките на ресорот, со спроведувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка ќе има позитивни фискални ефекти врз Буџетот во износ од околу 872 милиони денари, односно 14,2 милиони евра.
Претходно министерот за економија Крешник Бектеши, честитајќи го јубилејот „Деведесет години Занаетчиска комора Скопје”, порача дека Владата ќе продолжи со поддршката за овој сектор.
Занаетчиска комора Скопје е основана во далечната 1932 година и има значајно место во економското подигање на занаетчиството во изминатиот период.
Подготвено од М.Н.