https://www.instagram.com/p/Cgtsrk-Mi57/

11.12.2022 Скопје

Денеска, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека црвените линии за Србија се дека не сака нови преговори за Бриселскиот договор и Заедницата на српските општини, ниту Косово во ОН, како и физичка безбедност на Србите во Косово.

Дачиќ истакна дека нема да има преговори за она што веќе го имаат договорено и дека нема признавање на независноста на Косово или членство во Обединетите нации, како и дека нема да има физички напади, односно загрозување на безбедноста на Србите. Воедно, истакна дека се подготвени за мир, но за тоа е потребна и другата страна.

Министерот Дачиќ додаде дека српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата, со барањето до КФОР за враќање на припадниците на српските вооружени сили на Косово, ќе се обидат да ги „расчистат работите” пред меѓународната заедница и да дознаат дали Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 е целосно имплементирана.

Тој рече дека меѓународната заедница не сака целосно да ја почитува или имплементира Резолуцијата 1244, но и дека не може да ја укине бидејќи е потребно мнозинство во Советот за безбедност на ОН, додека Приштина, додаде, веќе неколку пати барала нејзино укинување, како и УНМИК и КФОР да се укине.

Дачиќ изјави дека со барањето за враќање на српската војска и полиција на северно Косово, Србија сака да укаже дека постои обврска на меѓународната заедница да ги заштити сите граѓани на Косово.

Запрашан за досегашните најголеми притисоци врз Србија, кои според најавата на Вучиќ ќе следат кога Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ на 15 декември, Дачиќ рече дека веројатно ќе биде „кондензација на различни видови притисоци”, да се прифати ситуацијата на теренот, некој конечен договор што би подразбирал признавање на Косово и одобрување на членството на Косово во ЕУ и Советот на Европа.

На Србите на Косово кои утрово се на барикадите, тој им порача дека Србија ќе застане на нивна страна.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author