21.12.2022 Скопје
Владата преку Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека нема да се зголеми цената за наплата на патната такса, и додаваат дека Република Северна Македонија останува единствена земја во регионот која нема да ги зголеми цените на патарините.
Од ресорното Министерство соопштија дека средствата собрани од наплата на патната такса, согласно плановите на Владата ќе се инвестираат директно за реализација на најкрупните инфраструктурни проекти и тоа во изградба на автопати на Коридорот 8 и 10д, како и останатите автопатски делници со вкупна должина од преку 190 километри, во изградба на експресни патишта во должина од 64 километри, во рехабилитација на регионални и магистрални патишта од преку 150 километри и во преку 450 километри локални патишта.
Според направени анализи, цените на градежните материјали во инфраструктурата само оваа година во споредба со 2021 година се зголемени меѓу 30 и 55 проценти и се во постојана осцилација, што директно влијаат врз буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта и реализацијата на капиталните проекти, но сепак и во таквите услови Владата преку Министерството за транспорт врски ЈПДП останува на ставот дека цената на патарините нема да се зголеми, соопшти Министерството за транспорт и врски.
Подготвено од М.Н.