05.12.2022 Скопје
По средбата со министрите за внатрешни, за надворешни работи и за правда Иван Демерџиев, Николај Милков и Крум Зарков, техничкиот премиер Галаб Донев изјави дека бугарската Влада е подготвена за одмазднички мерки доколку Холандија и Австрија наметнат вето за влез во Шенген.
Донев истакна дека сите мерки ќе бидат насочени и во одбрана на националниот интерес на Бугарија, која никогаш не се залагала за позиции на поделеност и двојни стандарди во однос на која било земја од ЕУ и очекува ист став од другите земји-членки.
Според Донев, повеќе од очигледно е дека позициите на премиерот на Холандија и на канцеларот на Австрија се диктирани од внатрешно-политички размислувања, а не од фактички идентификувани недостатоци во спроведувањето на шенгенските правила од страна на Бугарија. Воедно, додаде дека има сомнежи за примена на двојни стандарди, особено од страна на Холандија.
Бугарскиот технички премиер смета дека во својата позиција, канцеларот на Австрија ги истакнал недостатоците на Шенген системот во целина, кои во никој случај не се одговорност на бугарската страна, додека премиерот на Холандија прибегнал кон недостојни сугестии, кои во Бугарија малку е веројатно дека наскоро ќе бидат заборавени. Воедно, потсети и на улогата на тројцата бугарски гранични полицајци кои загинаа чувајќи ја надворешната граница на ЕУ во последните три месеци.
Подготвено од А.Ѓ.