https://kultura.gov.mk/%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%82%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B4%D0%B5%D0%BC%D0%BE%D0%BD%D0%B8-%D0%BE%D0%B4-%D0%BB%D0%B0%D1%80%D1%81-%D0%BD%D0%BE%D1%80%D0%B5%D0%BD-%D0%BF/

23.12.2022 Скопје

Народниот театар од Битола учествува на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на Јурислав Корениќ“ во Сараево.

Битолските актери Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Марија Стефановска и Здравко Стојмиров, во натпреварувачкиот дел од фестивалот ќе ја изведат претставата „Демони“ од Ларс Норен, во режија на Васил Христов.

„Демони“ напишана во 1982 година e црна комедија, во која преку комбинација на хумор и моќно емоционално/психолошко влијание се трага по нови форми на експресија. Дијалогот инсистира на луд ритам и гради возбудлива музикалност. Духовита и сурова, во исто време. „Демони“ е драма за човечките доблести и несовршености, за љубовта и омразата.

Две двојки – сопружници, живеат во иста зграда, во стан еден над друг, се среќаваат, ги испреплетуваат своите животни приказни, состојби, тајни, двојби, ги исфрлаат на површина скриените внатрешни демони.

Ларс Норен е најголемиот шведски драмски автор по Аугуст Стриндберг, кај нас првпат поставен во театарски простор во режија на Васил Христов, во изведба на актерската екипа од НУ Битолски театар.

Васил Христов е самостоен театарски, филмски и телевизиски режисер со повеќе од 30 години работно искуство.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author