21.12.2022 Скопје
Според научните сознанија, батериите од морска сол имаат четирипати поголем капацитет од литиумот.
Истражувачите веќе развија батерија направена од натриум сулфур, хемиско соединение што се добива од морска вода. Таквата батерија не само што е поевтина, туку е и поеколошка од постојните литиум-јонски батерии.
Одговорниот истражувач Шенглонг Жао од австралискиот Универзитет на Сиднеј верува дека оваа батерија може да биде пресвртница во поглед на обновливите извори на енергија. Сепак, според него, има и неколку финансиски препреки за развој на батерии со морска сол.
Со оглед на климатско-еколошките услови, на планетава се зголемува потребата од префрлање на обновливи извори на енергија, како што се ветерот и сонцето. Сепак, имајќи предвид дека обновливите извори не се толку конзистентни, тука е и потребата од складирање енергија, за што се користат батериите.
Многу батерии кои моментално се достапни се направени од ретки материјали, како што се литиум, јаглен и кобалт. За да може Европската Унија да постигне климатска неутралност, до 2030 година ќе треба да троши 18 пати повеќе литиум, а до 2050 година речиси 60 пати повеќе.
Научниците истакнуваат дека батериите од морска сол не се новина и истите како концепт постојат 50 години, но не се сметале за доволно корисни поради кусиот период на употребливост. Сепак, батериите со морска сол што сега се развиваат се различни од своите претходници.
Научниците ги модифицирале електродите за да ја подобрат реактивноста на сулфурот, клучен елемент за капацитетот на складирање енергија.
Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј објаснуваат дека резултатот е батерија со „супервисок капацитет и ултрадолг животен век на собна температура“.
Подготвено од А.Ѓ.