07.12.2022 Скопје
Сеул, главниот град на Јужна Кореја, ја започна својата прва автобуска маршрута со автономни автобуси како дел од експериментот за кој инженерите објаснуваат дека има цел да ги натера луѓето подобро да се приспособат на возилата без возачи.
Новото автономно возило не личи на обичен автобус. Има заоблени рабови и огромни прозорци што прават да изгледа повеќе како автобус – играчка отколку како технолошка иновација.
Според извршниот директор на компанијата „42дот“, Јеонг Сеонг-гјун, обликот на автобусот намерно е таков за да го направи попријатен за луѓето. Оваа технологија за самоуправување сега е во сопственост на автомобилскиот гигант „Хјундаи“.
Јеонг Сеонг истакна дека автобусот изгледа како „лего“ и е направен од композитни делови за да помогне да се намалат трошоците. Воедно, додаде дека наместо скапи сензори, возилото користи камери и ласери за да се движи по својата маршрута.
Засега, автобусот ќе има кратка маршрута од 3,4 километри во центарот на Сеул под строг надзор на безбедносен возач. Патувањето трае околу 20 минути.
Целта на компанијата беше да ја направи технологијата прифатлива, безбедна и лесно приспособлива за многу видови возила во иднина, како што се камионите за испорака.
Подготвено од А.Ѓ.