23.12.2022 Скопје
Голем дел од САД е зафатен од многу студена воздушна маса од Арктикот, а поради бурните ветришта и снежните виулици илјадници летови се откажани откако американските метеоролози предупредија на „потенцијално парализирачки временски услови во централните и источните“ делови на земјата, што би можело да создаде големи прекини во сообраќајот за време на празничниот период.
Поради моќната арктичка зимска бура, издадени се предупредувања за повеќе од 135 милиони луѓе. Областа што ќе ги почувствува ефектите од зимската бура се протега сè до Флорида и границата меѓу САД и Мексико. Националната метеоролошка служба (NWS) објави дека до крајот на оваа недела во некои делови од земјата можни се температури до -45 степени Целзиусови.
Постои можност невремето да се претвори во феномен кој метеоролозите го нарекуваат „бомбашки циклон”-бура која за кратко време станува силна, соопшти Националната метеоролошка служба (НВС).
Гувернерката на државата Њујорк Кети Хочул, прогласи вонредна состојба пред невремето. Хочул рече дека постои ризик од стагнација на вода, што се случува кога големите парчиња мраз го блокираат протокот на реката, што може подоцна да предизвика поплави. Вонредна состојба прогласија и гувернерите на Кентаки, Северна Каролина, Западна Вирџинија, Џорџија и Оклахома.
Невремето ќе ја тестира и отпорноста на електричната мрежа во Тексас, откако стотици луѓе загинаа во февруари 2021 година кога бурите ја преплавија мрежата и оставија милиони без струја.
Републиканскиот гувернер Грег Абот на прес-конференција изрази уверување дека Тексас сега е подготвен за предизвикот, односно дека мрежата може да се справи со зголемената побарувачка на електрична енергија.
Подготвено од М.Н.