04.12.2022 Скопје
Вториот ден од осминафиналната фаза од Светското првенство во Катар ќе го затворат селекциите на Англија и Сенегал. Лидерот во групата Б е голем фаворит во оваа пресметка, но африканскиот шампион на овој собир покажа дека поседува квалитети и без својот најдобар фудбалер Садио Мане. Асот на Баерн Минхен уште пред стартот на шампионатот го откажа својот настап, што беше голем удар за Сенегал, но четата на Алију Сисе во групната фаза одигра сосема коректно и заслужено се најде меѓу најдобрите шеснаесет селекции во Катар.
Англичаните по неверојатниот старт со Иран и шесте погодоци против Соединетите Американски Држави потфрлија, но кога беше најпотребно без многу проблеми го совладаа Велс и ја остварија првата зацртана цел. „Трита лава“ сега одат на лов по „лавовите на Таранга“. Герет Саутгејт трите натпревари во групата ги започна со различен состав, а промени се очекува да има и вечерва.
Мејсон Маунт и Рахим Стерлинг не го покажаа она што се очекуваше од нив, но затоа Маркус Рашфорд и Фил Фоден одлично ја искористија пружената шанса и најверојатно против Сенегал повторно ќе се најдат во стартниот состав. Од првата минута загарантирано место има капитенот Хери Кејн, а четворката во офанзивата би требало да ја пополни младата ѕвезда на Арсенал, Сака, која имаше одличен меч со Иранците, и потоа беше поштеден на средбата со Велс.
На другата страна Сенегал по болниот пораз во финишот од Холандија на отворањето на групата, во следните две кола беше на висината на задачата и славеше над Катар и Еквадор, што влева надеж кај африканската селекција дека е спремна за повисоки дострели на овој собир. Но, она што треба да ги загрижува е ранливата одбрана, која што капитулираше на сите три досегашни натпревари, па ако вечерва сака сензација и пласман во четвртфиналето ќе мора да даде гол повеќе од моќната Англија, која со оглед на напаѓачките капацитети сигурно барем еднаш ќе ја затресе мрежата на Менди.
Натпреварот меѓу Англија и Сенегал се игра од 20:00 часот, а победникот во четвртфиналето ќе се судри со подобриот од натпреварот меѓу Франција и Полска.
Подготвено од А.Ѓ.