30.12.2022 Скопје
Албанската полиција од градот Поградец уапси три лица, откако во нивното возило биле пронајдени вкупно 58 килограми хашиш, кои требало да завршат на наркопазар во државата. Уапсените се 17-годишник со иницијали М.К., како и Ликенд Баша(30), двајцата од Круја и Ериса Феро(28) жителка на Тирана, која била вработена во Националната агенција за информатичко општество.
Дрогата била откриена во автомобил „фолгсваген“ сопственост на Ериса Феро, која била задолжена дрогата да ја транспортира од Тирана до граничниот премин Ќафасан, на албанско–македонската граница кај Струга, за потоа да ја предаде дрогата на Лика Баша кој требало да ја пренесе во Република Северна Македонија.
Во соопштение од албанската полиција стои дека ова е тринаесетта успешна акција во овој регион во сузбивањето на шверцот со дрога во правец на македонската територија, што е во рамки на акцијата „Рестарт” почната во ноември 2021 година.
Во оваа наркомрежа осомничени биле уште две лица соработници, по кои се уште се трага, односно тие осомничени биле нарачатели на дрогата.
Од Националната агенција за информатичко општество соопштија дека против Ериса Феро, која имала раководна функција во оваа зделка веднаш е започната постапка за нејзина суспензија.
Подготвено од М.Н.