21.11.2022 Скопје
Левичарскиот весник „Авги“ објави дека цените на храната во Атина и Берлин се речиси на исто ниво, но германската минимална плата е повеќе од двојно поголема од грчката.
Според извештајот, состојбата е драматична, особено за ниските до многу ниски примања.
Комбинацијата на поскапувања главно на основните производи, како што се енергијата и храната, и многу ниските примања ја турка загубата на куповната моќ на домаќинствата со месечен приход помал од 750 евра до 40%.
Повикувајќи се на базата на податоци за цени на храна Numbeo за „18“ избрани прехранбени производи, извештајот сугерира дека грчките потрошувачи, во просек, плаќаат 54,5 евра со месечна минимална плата од 774 евра, додека Германците плаќаат 59,67 евра со минимална плата од 1.621 евра.
Главната опозиција врши притисок врз конзервативната влада да го намали ДДВ-то за основната храна, кое моментално изнесува 13%, додека во Германија е на 7%.
Анкетите покажуваат дека зголемените цени се главната грижа на Грците пред клучните национални избори во 2023 година.
Според информативната веб-страница In.gr, грчката Влада размислува за еднократна исплата од околу 100-150 евра за ниски примања.
Подготвено од А.Ѓ.