11.11.2022 Скопје
Денеска по повод 14 Ноември – Светскиот ден на борба против дијабетес, Здружението на дијабетичари Тетово организираше мерење на шеќер во крвта во Домот на пензионери во Тетово.
Според спроведените мерења, Здружението на дијабетичари Тетово оцени дека состојбата со дијабетот е алармантна, потенцирајќи дека се повеќе деца и трудници примаат инсулинска терапија.
Од Здружението на дијабетичари Тетово информираат дека сотојбата со дијабетот е лоша, на инсулинска терапија се над 4.000 граѓани од Тетовом, а со детски дијабет има над 120 пациенти. Воедно, додаваат дека бројките рапидно растат, а зачудувачки е што сега во последно време има и трудници и Тетово е меѓу првите во Република Северна Македонија каде има највеќе пациенти, кои се на инсулинска терапија, а се на се, има над 10 000 граѓани што имаат дијабет.
Здравствените работници потенцираат дека освен генетиката, стресниот живот, нездравата храна, како и намалената физичка активност се главните причини за зголемувањето на бројката на пациенти со дијабет.
Од Здружението на дијабетичари велат дека недисциплината, е и главната причина за зголемување на бројот на пациенти заболени од дијабет, кои започнале само да се лечат со таблети, но сега веќе преминале на инсулинска терапија.
Шеќерна болест или дијабетес е хронично системско пореметување на метаболизмот, кое се карактеризира со хипергликемија, т.е. трајно зголемување на нивото на глукоза во крвта. Генерално е условен од наследни фактори, а настанува како последица на намалено излачување или намалено биолошко дејство на хормонот инсулин, односно во комбинација на овие два фактори. Тој недостаток ја попречува размената на јаглени хидрати, масти и белковини во организмот, а по подолго време влијае и на структурата и функцијата на крвните садови, нервите и другите витални органи и органски системи.
Подготвено од А.Ѓ.