30.11.2022 Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и со директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи присуствуваа на настан по повод завршувањето на градежните работи за изградба на магистралниот гасовод на делницата Неготино-Кавадарци-Битола во должина од 92 км.
Премиерот Ковачевски во изјавата за медиумите истакна дека ова значи спојување на целата делница од Клечовце (Куманово), до Битола во должина од околу 188 километри.
„На овој начин се исполнува планот за реализација на овој дел од големиот проект за гасификација на државата. Важно е тоа што изминатите години и во услови на пандемија, сега и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза, стратешките проекти за државата се реализираат. Гасификацијата значи придобивка за граѓаните, за компаниите, за индустриските зони, а секако има големо влијание и за заштита на животната средина. Компаниите од овој регион, а и регионот на Прилеп и Битола сега можат да прават планови за користење на природниот гас во нивните производствени процеси, и на тој начин да бидат поконкурентни од компаниите во регионот. Токму овде во близина, на оваа делница ќе се гради и планираниот интерконективен гасовод со нашиот сосед Република Грција или од Неготино – до граница со Грција во должина од 67км. Сега ќе имаме пристап до природен гас од целиот свет, од сите држави кои го произведуваат да може да се донесе до Северна Македонија. Во Грција работи веќе еден терминал на течен природен гас на островот Равитуса, дополнително ние ќе бидеме еден од акционерите во терминалот за течен природен гас во Александруполи и со тоа обезбедивме закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени“, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски истакна дека денеска во Кавадарци се финишира проектот со заварување на последната цевка од магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола, со што оваа делница комплетно се затвора.
„Вредноста на овој проект кој го поврзува централниот дел од државата со Пелагонискиот Регион изнесува преку 36 милиони евра и претставува еден од најзначајните капитални инвестиции во нашата држава. Оваа енергетска криза сите не натера побрзо да транзитираме кон други извори на енергија, веруваме дека со изградбата на гасоводот во државата значително ќе влијаеме врз намалување на трошоците на компаниите и граѓаните”, рече Бочварски.
Директорот на НЕР, Реџепи истакна дека со потребните технички тестирања и испитувања, ќе почнеме со постапката за добивање на употребната дозвола.
„Ги правиме сите напори, тоа да биде брзо и конечно наредната зима, целиот централен и Пелагониски Регион, да имаат пристап и да можат следните години да користат природен гас, како еколошки, економски и едноставен енергенс за користење. На оваа делница ќе се приклучи и новиот интерконектор со Република Грција, кој треба да почне да се гради наредната година и заврши до крајот на 2024 година. Со тоа ние ќе им овозможиме на нашите снабдувачи и трговци да имаат повеќе извори за снабдување. Со тоа креираме и стабилност и диверсификација и поевтини извори за снабдување, значи ќе имаме директна конекција и до ТАП, и до ЛНГ терминалите во Грција. Се надевам дека и договорот за ЈПП, за изградба и оперирање на дистрибутивната мрежа за природен гас, ќе биде потпишан до пролет, и со тоа да се почне масовната изградба на дистрибутивната мрежа на 38 општини во државата, со што голем број на домаќинства, индустрии, итн. ќе имаат можност да користат природен гас“, рече Реџепи.
Во изминатиот период, со посветена работа на директорот на НЕР Бајрам Реџепи и на сите вработени во НЕР успешно е завршена реализацијата на делниците Штип-Неготино 36км и делницата Неготино- Кавадарци-Битола со должина 92км. Делницата Скопје-Тетово-Гостивар 76км и кракот Тетово од 10км, е во завршна фаза и се очекува наскоро да заврши, таму најголемиот дел од работата е завршена.
Подготвено од А.Ѓ.