https://www.facebook.com/photo.php?fbid=690069376025671&set=pb.100050678430503.-2207520000.&type=3

14.11.2022 Скопје

По затварањето на избирачките места и пребројаните повеќе од 90 отсто од вкупните гласови, Наташа Пирц Мусар стана првата претседателка во Словенија со убедливо водство од 53,91 отсто од гласовите, по што нејзиниот противкандидат Анже Логар го призна поразот.

Покрај нив двајца, за функцијата претседател на Словенија биле кандидирани уште петорица кандидати.

Ова е втор круг на гласање за претседателски избори, бидејќи во првиот круг ниту еден од седумте кандидати немаше добиено повеќе од 50 отсто од вкупните гласови, но во вториот круг влегоа само двајцата кандидати кои освоија најмногу гласови на 23 октомври.

Пирц Мусар (54), е поранешна новинарка и адвокатка специјализирана за заштита на лични податоци, која ја бранеше и Меланија Трамп. Таа влезе во претседателската трка затоа што смета дека нејзиното искуство, знаење и активности во јавниот живот, како што е борбата за човекови права и против сиромаштијата, покажуваат дека најдобро може да му служи на државниот интерес и дека нема да молчи за неправилностите кои станаа секојдневие во општеството.

Пирц Мусар изјави дека гласачите покажале дека не го слушаат диктатот на партиите, дека конечно е дојдено времето Словенија да ја има првата претседателка и дека секогаш ќе се бори за сите човекови и општествени права за граѓаните на Словенија.

Подготвено од М.Н.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *