18.11.2022 Скопје
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, соопшти дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се поканети во Брисел на дијалог на највисоко ниво.
Во овој момент не е познато дали Вучиќ и Курти ја прифатиле поканата.
Портпаролот Стано истакна дека она што е ново е што ги имаат покането двајцата во Брисел за да се најде европско решение, европски излез од сегашната ситуација која е една од најсериозните од 2013 година, потенцирајќи дека е тоа целта. Воедно, додаде дека ги имаат покането во Брисел да разговараат за пронаоѓање на излез, а Стано се надева дека ќе можат многу брзо да дојдат, за да можат да го решат прашањето, пред 21 ноември, а не потоа, како што кажа високиот претставник на ЕУ.
Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска престојува во Атина каде на работна вечера ќе разговара со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Денеска од претставниците на Белград и Приштина можеше да се слушне дека сè уште нема договор за прашањето за табличките и за решавање на кризата.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека Србите од Косово бараат да се спроведе и почитува потпишаното. Воедно, додаде дека Белград е загрижен, бидејќи не ги гледа кај Приштина плодовите од разговорите со ЕУ и САД.
Брнабиќ истакна дека за Албин Курти не постои бриселскиот договор и тоа се лоши сигнали, затоа што тој договор постои и треба да се почитува.
Премиерката Брнабиќ наведе дека според договорот за табличките од 2021 година се воведени налепници и дека е договорено тоа да не се менува без договор на двете страни, што, според неа, Приштина еднострано го прекршила. Воедно, потсети дека владеењето на правото е европски принцип и дека тоа се одразува во спроведувањето на потпишаниот договор и дека Белград одамна ги исполнил своите обврски.
Подготвено од А.Ѓ.