17.11.2022 Скопје
Есента е период кога детскиот организам треба да се адаптира на пониските температури, а тоа доведува до намалување на отпорноста на детскиот имунитет.
Намалувањето на температурите и почетокот на училишната година има силно влијание на зголемување на вирусите и бактериите, мешањето со нови деца, затворање во училници, клубови, игротеки, занимални придонесува за брзо ширење на овие надворешни агенти.
Крајниците се парен лимфен орган на имуниот систем изграден од епителни набори и јамички во кои има бројни лимфни, крвни садови, клетки на ретикуло-ендотелниот систем, и лимфоцити, и при навлегување на некој патоген вирус во организмот, нашиот имунитет има единица за детектирање и запамтување на тој патоген вирус, потоа формира клетки убијци за да го уништат.
Крајниците се првата одбрана на организмот од инфекции и влезна врата на вирусите во организмот. По навлегување на вирусот или бактеријата во усната шуплина почнуваат да се размножуваат да иритираат и да прават инфекции, каде што во тој момент се активира имунитетот со голем број биохемиски процеси кои се одвиваат на ниво на крајниците со цел да се уништи надворешниот непријател и да се одбрани организмот.
Кај чести случаи со инфекции на грлото и крајниците, самите крајници се променуваат структурно, и во нив се развива фиброзно ткиво, а тоа пречи на брзиот одговор на имунитетот, и така целосно крајниците ја губат својата функција и тогаш тонзилите стануваат жариште на инфекции.
Така во крајниците се колонизираат микроорганизми а тие изгледаат деформирани, секогаш зацрвенети , прекриени со бело сиви наслаги од гној, некогаш може да се зголемени, често може да се асиметрични, и секогаш се болни при голтање.
Многу деца се соочуваа со повторувачки воспаленија на крајниците и најчесто таа состојба води кон одстранување на крајниците, но за да се даде правилна дијагноза и да се даде насока на родителите дека треба да се изврши тонзилектомија детето треба да биде следено од оториноларинголог.
Подготвено од М.Н.