Invalidska parking zona

14.11.2022 Скопје

Од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје потсетуваат дека во тек е процедурата на прибирање барања од страна на лица со попреченост за користење на повластени паркинг услуги за календарската 2023 година.

Поднесувањето на барањата започна на 1 ноември, а ќе трае до 1 декември годинава.

Од ЈП „Градски паркинг“ Скопје ги повикуваат сите лица со попреченост, кои се жители на Град Скопје, а кои сè уште немаат поднесено барање, тоа да го сторат во горенаведениот период, односно до ЈП „Градски паркинг“ да достават уредно пополнето Барање, или истото да го пополнат на лице место во канцелариите на претпријатието, на ул. „Ѓуро Стругар“ број 15А.

Заедно со Барањето, заинтересираните треба да достават и копија од важечка сообраќајна дозвола со која се утврдува дека возилото е регистрирано, лична карта на увид од лицето со посебни потреби, инвалидска книшка на увид, потврда од матичен лекар со точно наведена дијагноза во оригинал, не постара од еден месец, решение од ПИОМ за степен на телесно оштетување на увид и лекарски наод од специјалист на увид.

Доколку лицето заинтересирано за поднесување на барањето не е во можност лично да ги поднесе документите, тоа може да го стори негов роднина или близок, со потпис од корисникот на самото Барање и со комплетна документација која се бара.

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, воедно, ги информира заинтересираните, дека согласно Програмата за повластено користење на паркинг услуга на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје од страна на лица со попреченост за 2023 година, право за повластено користење имаат лицата со попреченост на кои им е дијагностицирано: дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплегија, детска парализа, (полиомилитис), како и слепи лица со оштетување на видот над 90 отсто, лица на дијализа и лица со ампутација на рака, или нога со признато телесно оштетување од 80 отсто утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author