https://www.flickr.com/photos/192902634@N05/52365849076/in/photolist-2nMoEwQ-HwyJuy-7KXndd-Pa75A3-4yab3n-5LsoEB-4ArET7-zF8PXA-L2QQD-YnvwDE-fD8yBw-J1qbtp-2mBifKR-ymx9p-2htKSGT-5Qfftw-dvMZm5-exB4Gh-7PEnEn-Dp8aGu-zx1oxu-AL2ydP-JvW7qh-cPfq9E-2jn8fPj-bv6Uvj-bkUna-28qMhgW-2gemST7-2n4XZv4-anxtSE-FvQXoW-2ajJVf4-9i62Rh-2jwesjT-2aBAxFW-tiNzYh-jwJqZB-8jpSfc-acy7oQ-7qR4WE-ea7ySL-4Gd1Hf-P9C3Jy-nsxyKX-nx85fR-i7YYX9-acvhVX-2j97UDq-skDw35

18.11.2022 Скопје

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, при промоцијата на публикацијата на ОБСЕ посветена на родовата еднаквост и разноликост во судството, истакна дека европските вредности не препознаваат дискриминација според родовата припадност, а неопходно е да се следат процесите и да се учествува во креирањето на рамноправно општество кое нуди еднакви можности за сите и кое ги вклучува жените како идентичен фактор во креирањето иднина на државата.

Црвенковска изјави дека и претставува особено задоволство тоа што ОБСЕ има спроведено истражување токму во судството со фокус на прашањето за родова еднаквост и функционалноста на судскиот систем во ситуација во која ние имаме жени на високи позиции, но и голем број жени судијки. Воедно, додаде дека оваа студија на ОБСЕ, исто така, низ препораките илустрира еден посовршен систем во кој е изолирана дискриминацијата, не само по родова припадност, туку и по етничка, со потенцирање на човековите права на помалите заедници, односно женските припаднички кои се соочуваат со нееднаков третман при упис на Академијата за судии и јавни обвинители или при огласите за вработување.

Студијата на ОБСЕ наведува поголем број категории граѓани на кои им се ускратуваат некои права при водење на судски постапки со што им се загрозува правото на правда. Со постоењето вакви случаи се нарушува легитимитетот на судството, а државата е во фаза во која е неопходно да покаже високо ниво на правичност, еднаквост и почитување на човековите права, како важен предуслов за судство без дискриминација, она што од нас го бараат и европските вредности.

Црвенковска додаде дека сите препораки укажуваат на недостатоци на судскиот систем кои ја поттикнуваат дискриминацијата, а потоа тоа влијае на оценките за судството и создава граѓани кои ја губат довербата. Според неа, Република Северна Македонија колку и да има направено за родовата еднаквост или за недискриминацијата по етничка основа, и понатаму мора да развива механизми за заштита на сите граѓани и тоа, и на оние кои се дел од судството или конкурираат да бидат дел, и на оние кои се од другата страна- странките во судските постапки.

Ако се погледне низ бројките се потврдува висок процент на женска застапеност. Во Судскиот совет има шест жени членови на Судскиот совет, додека во администрацијата на советот од вкупно 33 вработени, 23 се жени. Во моментов има 257 судијки наспроти 156 судии или во проценти македонското судство има 62 отсто жени. Во судската администрација има 1. 234 жени или исто така 62 отсто од вработените.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author