10.11.2022 Скопје
Македонски железници се соочуваат со голем недостиг на кадар. Потребен е стручен персонал од сите професии, машиновозачи, бравари, механичари, благајници, кондуктери.
Неопходно е итно вработување на 40 машиновозачи. Кадар има од средното стручно училиште „Владо Тасевски“. Потпис за нови вработувања треба да стави Министерството за финансии.
Компанијата алармирала и до Владата и очекува зелено светло за нови вработувања, затоа што во спротивно ќе се блокира железничкиот сообраќај, кој и онака нормално не се одвива.
Ѓоко Илиевски, претседателот на синдикалната организација во Влеча на возови, истакна дека покрај новите вработувања, неопходно е да се реши статусот и на вработените на одредено време што имаат договор до крајот на годнава. Воедно, Илиевски објасни дека има 80 вработени од разни профили што работат на одредено време, а чии договори истекуваат на 31 декември и тие се веќе 2 години, добро се обучени и бараат да ги примат на неопределено.
Во Железницата стручниот кадар е веќе со поодмината возраст, а машиновозачите имаат бенефициран стаж, и во последно време имало многу пензионирања.
Од Министерството за транспорт велат дека се запознаени со тоа дека во Железницата недостига стручен кадар, но дека одобрувањето на новите работни места е во рацете на Министерството за финансии.
Железницата со години има проблеми со финансиски средства. Преку Владата се добиваат дотации за патничкиот сообраќај, околу 12 милиони евра на годишно ниво, но честопати патниците сведочат за непријатните искуства кога со часови чекале воз, или кога со часови патувале 100-тина километри. Низ годините се „послаб“ станува и товарниот транспорт.
Подготвено од А.Ѓ.