kumanovo igraliste

01.11.2022 Скопје

Состојбата со игралиштата во основните училишта во Куманово се новоизградени и реновирани но се под клуч и не се во функција на учениците и спортистите. Родителите се жалат дека децата им се играат на улица во попладневните часови и за време на викендите, бидејќи спортските објекти не се слободни за користење.

Од Општина Куманово изјавија дека се запознаени дека спортските терени не се достапни за децата, и истакнаа дека тоа е поради несовесните граѓани и децата кои ги уништуваат игралиштата. Од Општината велат дека мора да се подигне општата култура за да се заштити и сочува она кое е наменето за здрав развој на децата и младите.

Раководителот на Одделението за култура и спорт во Општина Куманово, Александар Крстевски, изјави дека постојано се вложува во реновирање на спортските терени, но секогаш наидувале на вандализам од страна на несовесните граѓани.

Граѓаните се согласни со тврдењето на Крстевски, дека во градот постојат многу вандали кои немилосрдно ја уништуваат спортската и урбаната опрема во градот, но сметаат дека Општината треба да најде начин како да го заштити имотот од уништувачите, тоа да биде или со присуство на физичко лице односно обезбедување или пак со видео надзор, и според направената штета да се казнува ригорозно а објектите да се дадат на оние за кои се наменети, односно за децата и спортистите.

Подготвено од М.Н.

About Author