https://www.flickr.com/photos/100954775@N03/20792962879/in/photolist-xFpnrZ-nXmWDx

01.11.2022 Скопје

Од денеска, во Косово стапува во сила одлуката на Владата на премиерот Албин Курти за замена на регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија со оние кои се пропишани со законите на Република Косово.

Според одлуката, од денеска ќе се изрекуваат санкции на оние кои во Косово нема да ги променат табличките кои се регистрирани во Србија, со кратенките на српските топоними за градовите во Косово – како ПР за Приштина (да се замени со 01, како ознака за регионот на косовската престолнина), КМ за Митровица, УР за Урошевац, ПЗ за Призрен, ГЊ за Гњилане итн.

Од денеска до 21 ноември, на возилата кои ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички ќе им се изрекува „укор“.

Од 21 ноември 2022 година до 21 јануари 2023 година, ќе се изрекуваат парични казни, додека од 21 јануари 2023 година до 21 април 2023 година ќе им се издаваат пробни таблички.

Надлежните косовски власти соопштија дека по 21 април 2023 година, тие возила не ќе можат веќе да се регистрираат со таблички РКС, да влегуваат и да се движат низ територијата на Република Косово.

Во текот на вчерашниот ден, од Европската Унија изјавија дека Косово има право да бара промена на српските со косовски регистарски таблички за сопствениците на возилата во Косово, но порачаа дека тоа треба да биде резултат од преговорите за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.

Габриел Ескобар побара одлагање на спроведувањето на промената на табличките за една година.

Домашни и меѓународни аналитичари предупредија дека одбивањето на Курти да ја одложи одлуката за промена на табличките може да донесе до ескалација на состојбата во северниот дел на Косово, населен со мнозинско српско население, за кој се вели дека дејствува под директиви на Белград, кому одговара одржување на нестабилност во регионот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author