18.11.2022 Скопје
Претседателката на црногорскиот Парламент, Даниела Ѓуровиќ, соопшти дека ниту на втората средба не е постигнат договор меѓу власта и опозицијата, за конечно да биде надмината политичката криза во државата.
Ѓуровиќ по средбата која самата ја иницираше, истакна дека лидерите на партиите не се приближиле за ниту едно од трите прашања што ги делат власта и опозицијата, а тоа се изборот на судии на Уставниот суд, повлекувањето на законот за Претседател, и распишување на вонредни парламентарни избори.
Првата средба на лидерите на парламентарните партии беше исто така неуспешна, поради тоа што претседателот на Црна Гора и на опозициската Демократска партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, не присуствувал на средбата, туку го испратил потпретседателот на партија, Иван Вуковиќ, а тоа не било прифатливо за просрпскиот Демократски фронт, по што лидери ја напуштиле средба.
Црна Гора засега е предводена од техничката влада на Дритан Абазовиќ, која ја загуби поддршката од Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ поради потпишување на темелниот договор со СПЦ.
Подготвено од М.Н.