28.11.2022 Скопје
Во рамките на регионалната акција „Дрво на пријателството“, што ја спроведува Европскиот фонд за Балкан во соработка со Мој Воздух во Република Северна Македонија и други локални партнери во сите земји од регионот на Западен Балкан, ќе бидат засадени вкупно 800 дрвја на 1 декември во повеќе градови во регионот, вклучително и во Скопје, во општина Кисела Вода.
Граѓанската акција, која есенва по третпат се спроведува, ќе започне во 11:00 часот во четврток, во паркот на улица Есеинова во Кисела Вода. Ќе бидат посадени 100 платани и јавори заедно со ЈП „Паркови и зеленило“, а во акцијата ќе учествуваат граѓаните кои живеат на овие подрачја, зелени активисти и други активни претставници на невладини организации за заштита на природата.
Горјан Јовановски, основач на апликацијата Мој Воздух, истакна дека со оваа акција активистите од Мој Воздух како локален партнер на акцијата сакаат да покажат колку е важно да се зачувува и зголемува зеленилото во Скопје и во регионот, додавајќи дека наместо да се размислува каде повеќе да се бетонира за може да се паркираат повеќе автомобили, треба да се стави фокус на креирање многу зелени површии кои имаат огромен бенефит за нашиот заробен град. Воедно, истакна дека со повеќе зеленило, има повеќе чист воздух, помала температура во лето, поголем биодиверзитет и поубава средина за живот за сите.
Земјите од Западен Балкан имаат најлош квалитет на воздухот во Европа. Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Република Северна Македонија се подеднакво изложени на загадувачи на воздухот, каде е естимирано дека над 30.000 луѓе го губат својот живот поради аерозагадувањето.
Подготвено од А.Ѓ.