https://www.flickr.com/photos/48947180@N05/5543857578/in/photolist-9rTHHm-2mNupuH-4tR6CM-2n4ogPY-8d6wUE-EFvTe-7K97Az-9SLejx-2c8FjMw-BDVJ5J-2eHx7pG-663pch-Gx6dcL-aptNmv-25hyM3w-6MPNbS-8AP2HH-9SNVuS-GucNnp-Jjcrod-2kiQpX-53TY21-7cjCJj-6ue1hm-2mZqXcg-21nHrJ-2iEbLwJ-4PrC8t-nmsM82-2iipstA-6CsyeV-6KMVVV-HLTuA-23gqqnu-2mztWjY-25FaFPB-88cX7t-ohWz9g-GV1kG-dVSbpQ-2hUsuki-29Qr6uA-9W5dfv-4RiGWi-4GMrm2-qPVmQF-a5rX1e-etuihS-4t2Jzd-4sGpgV

17.11.2022 Скопје

Демократската партија на Косово се подготвува да ја урне владата предводена од лидерот Албин Курти, поради неговата конфронтација со САД и другите западни сојузници, изјави портпаролот на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Фатон Абдулаху.

Абдулаху изјави дека (ПДК), и нејзиниот лидер Мемли Красниќи, се единствената алтернатива за државата која е во кризата предизвикана од напуштањето на институциите од страна на косовските Срби поради одлуката на Курти да ги казнува тие што нема да ги сменат регистарските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.

Демократската партија на Косово, која е најголема опозициска партија во Собранието како и другите опозициски партии на косовските Албанци, бараат од владата на Курти да ги прифати барањата на САД и на другите западни сојузници на Косово за одлагање на спроведувањето санкции за косовските Срби кои нема да ги сменат табличките.

Од почетокот на овој месец, косовската полиција им изрекува укори на лицата кои не ги промениле табличките, а од идниот понеделник, според владината одлука ќе почнат да се изрекуваат и парични казни.

На оваа одлука со изјава се обрати и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и потенцираше дека во моментот кога ќе почнат да се изрекуваат казни на српските граѓани на Косово, ќе започне жесток отпор против властите во Приштина.

Подготвено од М.Н.

About Author