09.11.2022 Скопје
Министерството за внатрешни работи соопшти дека утрово имало нови дојави за поставени бомби.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се наведува дека денеска во СВР Скопје околу 9.30 часот е пријавено дека на електронските адреси на две скопски средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа, а околу 10 часот е добиена иста пријава од уште две средни училишта. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите четири училишта, а во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Учениците од Гимназијата Јосип Броз Тито веќе се евакуирани.
Инаку, денешните закани доаѓаат во иста смена на учениците кои минатите две недели беа во втора смена во скопските гимназии, а сите претходни дојави во минатите две недели излегоа дека се лажни.
За потсетување, на 26 октомври до пет средни училишта на територија на град Скопје беше испратена заканувачка порака за поставени бомби и истата предизвика огромна паника како кај учениците, така и кај наставниците и родителите. Се уште нема информации за тоа кој и зашто ги испраќа овие заканувачки пораки, кои на крајот се испоставува дека се лажни.
Подготвено од А.Ѓ.