04.11.2022 Скопје
Во врска со тоа што ученици поради страв деновиве отсуствуваа од наставата во училиштата каде што беа пратени лажни дојави за поставени бомби, Министерството за образование и наука истакна дека училиштата имаат раководства кои се надлежни за организирање непречен воспитно-образовен процес, а тоа значи и обврска да се грижат за безбедноста на учениците додека престојуваат во објектите.
Од Министерството за образование и наука посочија дека општините под чија надлежност се основните и средните општински училишта, Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи секогаш излегуваат во пресрет кога е потребна каква било дополнителна поддршка, затоа што најдобрите интереси на учениците и воопшто на младите се секогаш приоритет на институциите на системот.
Во однос на загубените часови во училиштата од кои беа евакуирани учениците додека траеја проверките од полицијата, од Министерството велат дека се работи за неколку загубени наставни часови во неколку училишта и оти секој наставник индивидуално наоѓа начин како за време на наставата во првото полугодие ќе го надомести тоа што е пропуштено.
Подготвено од А.Ѓ.