06.11.2022 Скопје
Женската ракометна репрезентација на Република Северна Македонија загуби со 14-24 од Франција, во натпревар од 1. коло во групата Ц од Европското првенство.
Главна причина за поразот е слабиот старт на нашите ракометарки во нападот во првите петнаесет минути, во кои не успеавме ниту еднаш да ја затресеме мрежата на Клеопатра Дарло.
По неколкуте пропуштени шанси на двете страни, првиот погодок на мечот беше постигнат во третата минута кога Нзе Минко донесе водство од 0-1 за Франција.
Првиот погодок за Република Северна Македонија на шампионатот го постигна Јована Кипријановска, која во 16. минута намали на 1-5. До дваесетата нашата репрезентација постигна уште еден гол па резултатот на семафорот беше 2-6 за гостинките. Французинките до паузата само ја зголемија својата предност, па по триесет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 5-12.
Франција за првпат до двоцифрена предност на натпреаврот стигна во 35. минута кога поведе со 15-5. Единствените два погодоци за Република Северна Македонија на почетокот на вториот дел ги постигна Јована Саздовска, па по 40 минути игра гостинките имаа предност од 7-16. Франција во 52. минута првпат стигна и до плус единаесет 10-21. До крајот избраниците на Крумболц рутински го приведоа мечот за конечни 14-24.
Убедливо најдобар поединец во нашата репрезентација беше голманката Јована Мицевска со девет интервенции, додека пак Моника Јаневска беше најефикасна со пет гола.
Во таборот на Франција, Корел Ласурс заврши со четири погодоци.
Селекторот на репрезентацијата, Љубомир Савевски, по мечот истакна дека не е разочаран, бидејќи до самиот крај девојките не се откажале.
Капитенот на Република Северна Македонија, Сара Ристовска, по мечот истакна дека слабиот старт на мечот бил клучен за поразот од Франција.
Најдобриот поединец на Република Северна Македонија на мечот, голманката Јована Мицевска, по мечот изјави дека срцето и било полно на почетокот на мечот кога ја видела салата полна, потенцирајќи дека првпат играат во сала полна со македонска публика. Воедно, Мицевска се заблагодари за поддршката и се надева дека во следните мечеви ќе бидат барем двапати подобри од овој дуел со Франција.
Подготвено од А.Ѓ.