22.11.2022 Скопје
Турција ги повика САД да ја прекинат поддршката на сириските Курди, по ескалацијата на одмаздничките напади покрај границата,каде турската артилерија ги гранатирала курдските бази и други цели во близина на Тал Рифат и Кобани, а Вашингтон ја предупреди Турција за воена акција која ќе ја дестабилизира Сирија.
Турција соопшти дека сириската курдска милиција (ЈПГ) со минофрлачки напади од северна Сирија, има убиено две лица во понеделникот, откако Турција почна воздушни операции против милицијата изминатиот викенд, поради смртоносниот бомбашки напад во Истанбул една недела претходно.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека операциите нема да бидат ограничени на воздушна кампања и дека може да бидат вклучени и копнените сили, а турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар додаде дека ќе продолжи со операциите против милитантите и ги обнови повиците до Вашингтон, кој е сојузник на НАТО, да престане да ги поддржува силите во Сирија, кои Анкара ги нарекува крило на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Подготвено од М.Н.