13.11.2022 Скопје
Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ на социјалните мрежи денеска потсети за спотот на градоначалникот Билал Касами, кој во 2017 година има побарано на местото на тетовската касарна „Кузман Јосифоски Питу“ да бидат изградени над 35 повеќекатници, а не парк како што бара сега.
Градоначалникот Билал Касами, на неодамнешна прес – конференција, ја повика иницијативата „Тетово сака парк“ да го поддржат за идејата парк да се прави на местото на тетовската касарна.
„Ќе ја искористам можноста да се обратам до централната власт, касарната во Тетово да биде доделена на Општина Тетово и ние ветуваме дека тој простор ќе биде градски парк. Ако конечно нема друго решение владата за тој дел на градот, а другите касарни во другите градови се дадени на општините, ние бараме и нас да ни се додели просторот каде што е касарната и ветуваме дека ќе го пренамениме во модерен и убав градски парк. И јавно ја повикуваме „Иницијативата Тетово сака парк“ дека веќе знаеме дека дел од членовите се функционери на централната власт, да ни помогнат да ни се додели касарната, со цел тетовци да имаат убав градски парк“, рече Касами на прес – конференцијата.
Од иницијативата пак, која речиси една година бара градски парк во Тетово, а зад која застанаа над 3.000 граѓани, со прашање: „Се потсети ли Касами на својот план за 35 повеќекатници на местото на Касарната „К.Јосифоски-Питу“ од 2017?“.
Во нивната реакција до јавноста, беше наведено: „Која е целта на Касами во спомнувањето на Касарната „К.Јосифоски-Питу“? Зад тоа е можно да стои неговиот стар план кога во 2017 година во изборната кампања бомбастично со визуелизации најави урбанизирање на касарната со над 35 станбени згради. Втората можност е манипулативно купување на време, и одложување на реализацијата на очекувањата. Ние ден денес чекаме средба на стручно ниво која е договорена при средбата со него (19.04.2022), со цел разгледување на нашиот предлог со јасни можности, во услови кога општината јавно декларираше дека има волја, а нема пари“.
Претходно, во однос на ова, од иницијативата порачаа дека „недозволиво е губење време и манипулации, со месеци единствениот изговор е дека има волја, а нема пари – за денеска да не бидат проблем парите туку локацијата“.
Подготвено од А.Ѓ.