Image by wirestock on Freepik

25.11.2022 Скопје

Во рамки на проектот „EU Youth Cinema: Green Deal“, средношколци од 12 скопски средни училишта следеа проекција на филмови за климатски промени и отпад во киното Синеплекс.

Младите средношколци ги следеа филмовите „Фактите за климатските промени“ и „Планина од отпад: скриениот товар од нашиот моден отпад“.

Проекцијата на филмовите се одвива во текот на Европската недела за намалување отпад и она што оваа недела ја чини посебна е напорот и страста на илјадници волонтери кои ја шират пораката за одговорна потрошувачка и циркуларна економија во нивните заедници.

Европската недела за намалување отпад, оваа година, се фокусира на отпадот од текстил за да го означи големото влијание што го има текстилната индустрија врз Планетата, но главно и да поттикне акции кои ќе ја зголемат циркуларноста во овој сектор.

Текстилната и модната индустрија се едни од секторите кои имаат најголемо штетно влијание врз почвата, водата и емитираат голем дел од стакленичките гасови. Овој сектор има високо социјално и еколошко влијание во секоја фаза, производство, дистрибуција, употреба и после употреба.

Текстилната индустрија е четврта по користење примарни материјали и вода, поточно за да се направи еден пар фармерки потребни се 7.000 литри вода, додека за една маица по кратки ракави потребни се 2.700 литри вода, што е еднакво на количество вода за една личност за 2,5 години.

Производствениот процес генерира околу 15-35 тони јаглерод диоксид. Купувањето и користењето на облека, обувки и текстил во домаќинствата во ЕУ е петта категорија која придонесува до емисии на стакленички гасови.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author