07.11.2022 Скопје
На 11 ноември 2022 година (петок) со почеток во 19 часот во АРМ/Музеј на тетовски крај ќе биде поставена урнебесната комедија „Više sreće drugi put“ на театарот ЗАмКА од Загребачка жупанија.
Од Македонско-хрватското друштво информираат дека театарот ЗАмКА премиерно во Тетово ќе настапи со комедијата „Više sreće drugi put“, која се изведува на кајкавски дијалект. Влезот е слободен.
Претставата „Više sreće drugi put“ е победник на 21-та смотра на театарски аматери на Загребачка жупанија.
Заплетот на претставата е за богатиот триесет и петгодишен Германец Ханс, чиј татко Јозеф/Јожа има корени од едно село во хрватско Загорје. Таткото сака да најде убава, паметна, добра, домашна девојка за сопруга на синот и со таа надеж доаѓа во родниот крај. Франка и Реза сакаат богато да ја венчаат својата ќерка, со посредство на братучетката на Јожа, Бара, која се надева дека ќе биде богато наградена за нејзините услуги. Спротивставените желби доведуваат до низа комични ситуации во обидите да ги постигнат своите желби и цели и на крајот сите планови „паѓаат во вода“, бидејќи момчето има други планови.
Зелинскиот аматерски театар ЗАмКа постои од 1993 година, а има успешни остварувања во Хрватска и надвор.
Подготвено од А.Ѓ.