https://www.facebook.com/ussukim/photos/178815567071701

16.11.2022 Скопје

На 17 ноември во светот се одбележува Меѓународниот ден на студентите, а универзитетските студентски собранија на државните и приватните универзитети во Република Северна Македонија повикаа на мирен марш во четврток.

На овој марш студентите ќе ги истакнат нивните барања до институциите за подобар студентски стандард и поголем квалитет на високото образование.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ истакна дека Министерството за образование и наука за брзо време успеало да го врати студентскиот борбен дух меѓу студентите и да ги обедини сите, за општото добро на сите студенти. Воедно, додаде дека сите универзитетски собранија се во постојана комуникација и на тој начин имаат дојдено до одлука, сите универзитети, Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември, да го одбележат на начин и по теркот на многу други европски и светски држави, односно со мирен марш каде што ќе ги истакнат нивните натамошни барања.

Студентите ќе побараат подобрување на условите во однос на студентските домови, стипендиите, дигитализацијата и квалитетот на образованието воопшто.

Од Универзитетското студентсто собрание на УКИМ напоменаа дека субвенционираниот студентски оброк нема да биде предмет на барање, бидејќи за овој проблем се изнајде решение кое што е прифатливо за студентите.

Студентскиот марш ќе започне во 17.30 часот пред Собранието на Република Северна Македонија, од каде студентите ќе се упатат кон зградата на Министерството за образование и наука (МОН).

Студентските собранија ги повикуваат сите засегнати страни и пошироката јавност да им се приклучат во маршот на кој ќе истакнат дека се тука, постојат и дејствуваат. Студентите имаат за цел маршот да стане традиција и да се одржува и во наредните години на нивниот меѓународен ден.

Овој студентски марш ќе се организира независно од протестот што во истиот ден го најавува движењето наречено „Студентски отпор“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author