14.11.2022 Скопје
По завршувањето на студентскиот протест пред Собранието, членови од студентскиот одбор останаа на преговори во Собранието и по неколку часа, средбата заврши со договор за субвенционирање на студентскиот оброк.
Според договореното, оброкот за почеток ќе се исплаќа како и минатата година, односно до 15 март студентите ќе ги добиваат средствата на месечно ниво, а висината на оброкот останува 120 денари дневно, и одлучено е до 15 декември студентите да си ги добијат средствата што им следуваа и за месеците октомври и ноември.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски, изјави дека барањата на студентите биле прифатени и дека во наредниот период ќе бидат дел од работните групи што ќе го креираат системското законско решение.
Од март се предвидува да се применува системското решение, според кое студентите ќе имаат на располагање по еден оброк на дневно, а ќе можат да го купуваат кај регистрирани даватели на услуги преку специјализирани картички или мобилен телефон.
Освен за оброкот, на средбата во Собранието се разговарало и за другите проблеми со кои се соочуваат студентите во моментов, односно да се добие подобар студентски стандард и поквалитетно образование.
На средбата биле присутни и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими, по што Ковачевски по излегувањето од Собранието изјави дека заедно со МОН ќе направат максимални напори за да обезбедат подобрување на состојбата во студентските домови која што е на многу ниско ниво во државата.
Подготвено од М.Н.