14.11.2022 Скопје
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека целта на рускиот претседател Владимир Путин е да ја остави Украина студена и темна оваа зима.
Шефот на воената алијанса, за време на прес-конференцијата со членовите на холандската влада во Хаг, истакна дека руското повлекување од Херсон ја покажува неверојатната храброст на украинските вооружени сили. Воедно, истакна дека останува на Украина да одлучи кои услови се прифатливи за преговорите за ставање крај на војната.
Столтенберг потенцира дека не треба да се направи грешка и да се потцени Русија, затоа што руските вооружени сили задржуваат значителни капацитети, како и голем број војници, а Русија покажа и подготвеност да преземе значителни загуби. Исто така, покажаа извонредна бруталност.
Според Столтенберг, следните месеци ќе бидат тешки, а целта на Путин е да ја остави Украина на студ и темнина оваа зима.
Подготвено од А.Ѓ.